Поранешниот лидер на најголемата унионистичка партија во Северна Ирска, Џефри Доналдсон (63), е прогласен за виновен за повеќе сексуални кривични дела извршени врз две девојчиња во периодот од 1985 до 2008 година.
Поротата на судот во Њури го прогласи Доналдсон за виновен по една точка од обвинението за силување, 13 точки за непристоен напад и четири точки за грубо постапување кон двете оштетени, кои во времето на извршувањето на делата биле малолетни.
Во текот на судењето Доналдсон ги негираше сите обвиненија.
Доналдсон важеше за еден од највлијателните политичари во Северна Ирска сè до неговото апсење во март 2024 година. Веднаш по апсењето поднесе оставка од лидерската позиција во Демократската унионистичка партија (ДУП).
Тој беше и најдолговечниот пратеник од Северна Ирска во британскиот парламент, каде што првпат беше избран во 1997 година. Само два месеца пред апсењето учествуваше во постигнувањето договор со британската влада за трговските правила по Брегзит, со што беше овозможено ДУП да го прекине бојкотот на северноирската влада.
Покојната британска кралица Елизабета Втора во 2016 година му додели витешка титула за неговите политички заслуги.
Поротата истовремено утврдила дека неговата сопруга, Еленор Доналдсон, му помагала и го поддржувала во извршувањето на кривичните дела. И таа ги отфрли обвиненијата, но судот минатиот месец оцени дека поради проблеми со менталното здравје не е способна да го следи судскиот процес и затоа не може кривично да одговара.
Наместо тоа, против неа се води посебна постапка за утврдување на фактите, во која поротата треба да утврди дали ги сторила делата што ѝ се ставаат на товар.
Случајот предизвика големо внимание во јавноста поради долгогодишното политичко влијание и високите функции што Доналдсон ги извршуваше во Северна Ирска и во Обединетото Кралство.