Родителите и семејствата на младите кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ денеска по 21 пат излегоа на улиците на Кочани, барајќи побрза реакција на институциите и правда за своите најблиски.
Протестниот „Марш за ангелите“ повторно ја помина добро познатата траса – од „Паркот на револуцијата“, покрај Трговскиот центар, Општината, Управата за јавни приходи и полициската станица, до Основниот суд и Обвинителството.
Пред зградата на институциите, роднините јавно се обратија до судиите и обвинителите, потсетувајќи дека веќе три месеци се чека на оценка на обвинителниот акт.
„Одолговлекување без оправдана причина е спротивно на законот и претставува основ за реакција од страна на оштетените и јавноста. Ние ве прашуваме – постои ли рок во кој Советот мора да донесе одлука? Ако не постои, барем кажете кога може да се очекува завршување на оваа постапка,“ изјави Розета Џамова, сестра на една од жртвите.
Протестот се одржа само еден ден откако Обвинителството ја прошири истрагата за трагедијата. Поднесено е ново обвинение против реалниот сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон Секјурити Солушн“, кој се товари за тешки дела против општата сигурност поради сериозни пропусти во организацијата и мерките за заштита во дискотеката.
Истовремено, до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за продолжување на сите претходно определени мерки за обезбедување присуство на обвинетиот.