Вредноста на американскиот долар продолжи да опаѓа на девизните пазари и втора недела по ред, под влијание на информациите дека САД и Иран разговараат за продолжување на примирјето и можноста за укинување на ограничувањата за пловидба низ Ормутскиот Теснец.
Доларовиот индекс, кој ја следи вредноста на американската валута во однос на шесте најзначајни светски валути, се намали за 0,44 проценти и се спушти на 98,81 поен.
Во однос на еврото, доларот ослабна за 0,63 проценти, па на крајот од неделата едно евро се тргуваше за 1,1678 долари. Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонскиот јен остана речиси непроменет и изнесуваше 159,20 јени за долар.
Јапонското Министерство за финансии соопшти дека во текот на минатиот месец потрошило 11,7 билиони јени, односно околу 73,5 милијарди долари, за интервенции на девизниот пазар со цел да го поддржи јенот и да го ограничи инфлаторниот притисок.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се разгледуваат клучни одлуки поврзани со Иран и повтори дека Техеран мора да се откаже од можноста за поседување нуклеарно оружје, како и дека Ормутскиот Теснец треба да биде отворен за непречена пловидба.
Аналитичарите оценуваат дека неизвесноста околу развојот на ситуацијата на Блискиот Исток и понатаму создава различни очекувања кај инвеститорите, поради што доларот засега нема јасен тренд на движење.
Дополнителен притисок врз американската валута создадоа и најновите економски податоци. Инфлацијата во САД во април го забележа најбрзиот раст во последните три години, главно поради повисоките цени на енергенсите, додека растот на американската економија во првиот квартал изнесувал 1,6 проценти на годишно ниво, што е послабо од првичните проценки.