– Атари од над сто македонски села се жртви на огнената стихија која деновиве гори шуми, плевни, животни, посеви, куќи. Не постои место чие небо не поцрни од чадот што неумоливо се возвишува над огнот, кој ја согорува земјата и сè што во моментот се наоѓа на неа.
Пожарите не стивнуваат, државата во кризна состојба, силите и ресурсите се исцрпуваат и на крајот сè се сведува на човечкиот фактор, и причината, и помошта и последицата.
Од Центарот за управување со кризи како причинителите за пожари ги издвојуваат човекот, како што велат, намерно и ненамерно, фрлените стаклени работи и друг отпад во сува вегетација, како и искрите од жици на електрични далекуводи.
– За да се направи пожар, не треба многу, треба многу мал процент од населението да не нè послуша. Односно, доволно е и еден човек во планина кој е неодговорен, да остави догорче или оган и да се распали со помош на ветрот, велат од ЦУК.
извор: МИА