Патници од авион на Turkish Airlines беа итно евакуирани преку тобогани откако во авионот се појавил чад по слетувањето на аеродромот во Анталија, Турција.
Инцидентот се случил кога „Боинг 777“, кој полетал од Истанбул, се движел по пистата во туристичкото летувалиште Анталија. Тимовите за итни интервенции препорачале итна евакуација како мерка на претпазливост, со цел заштита на безбедноста на патниците, потврди портпаролот на авиокомпанијата, Јахја Устун.
Според него, сите патници биле навреме евакуирани, без повредени. Точниот број на патници и членови на екипажот не е соопштен.
Првичниот технички преглед покажал дека чадот настанал поради дефект на хидраулична цевка. Во тек се дополнителни технички проверки на леталото.