Бизнисменот Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети, а кој вчера беше уапсен со пиротехника – денеска прославува три години во „Тхор индустрис“. Ова е фирмата која го купи трговскиот центар „Соравија“ во центарот на Скопје, купопродажба проследена со низа контроверзи и неодговорени прашања. Никогаш не се дозна колку чинело купувањето, освен дека фирмата на Ахмети треба да исплати долг од 20 милиони евра на претходниот сопственик. Не се знае ниту што правел Дрин Ахмети со цел арсенал пиротехника во неговиот џип.
„Скопје1“ уште вчеравечер, упати прашања до Дрин Ахмети поврзани со неговото апсење. Прашавме што правел со толку голема количина на приотехника, како и дали признава дека се огрешил пред законот. На ова нема одговор. Утрово имавме нов обид да добиеме повеќе информации, па прашавме за однесувањето на полициските службеници кон него. Иако прашањата ги добил, се одлучил да не одговара.
Ова и не е невообичаена практика на Ахмети, кога во прашање е комуникацијата со јавноста. Во јуни, годинава, бизнисменот, внук на Али Ахмети, ни вети дека до септември јавно ќе ги достави сите информации поврзани со капиталот со кој тој го стави „Соравија“ под своја контрола. Ова до денеска – не се случи.
Засега е познато дека влезот на Ахмети во „Соравија“ е со нула денари. Обвинителството за гонење организиран криминал отвори предмет. Требаше да ја истражува купопродажбата на овој трговски кој се наоѓа во центарот на Скопје. Најавено беше дека ќе се ангажираат и Управата за финансиска полиција, Единицата за финансиски истраги при МВР, Управата за јавни приходи. До овој момент, предметот не преминал ниту во фаза на истрага.
Сомневањата во постапувањето на ова Обвинителство ги донесоа фотографиите на шефот на обвинителите Ислам Абази со братот на Али Ахмети. И тоа не станува збор за „нормална“ фотографија, туку на неа, Абази седи на под, додека Ахмети виси над него, качен на грб врз трето лице.
Дрин Ахмети држеше и прес-конференција за да ја оправда купопродажбата. Па јавноста ја убедуваше дека чичко му Али, не му помогнал.
„Али Ахмети ми е чичко и Бог да го благослови. Тој ми е мотивација. Ахмети и помогна на оваа држава. Немаше да ја имаме Македонија денес ако го следевме Љубчо Георгиевски кој ќе ја поделеше државата“, кажа Ахмети.
МВР најави дека за случајот со пиротехниката ќе достави пријава до Обвинителството. За што ќе се гони Дрин Ахмети – останува да одлучи обвинителот кој ќе го добие предметот.