Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, ги демантираше наводите дека лидерот на партијата Али Ахмети ќе се повлече од политиката по локалните избори. Ваквите објави ги оцени како дезинформации чија цел е да ги демотивираат гласачите пред вториот изборен круг на 2 ноември.
„Повлекувањето на Али Ахмети воопшто не доаѓа предвид. Напротив, ДУИ е победничка партија – освоивме 23.000 гласови повеќе од ВЛЕН и го зголемивме бројот на советници на 120“, изјави Адеми.
Тој најави дека денешната седница на претседателството ќе биде посветена на анализа на резултатите и актуелната политичка состојба, но не и на прашањето за лидерската позиција.
Претходно, албанскиот медиум Фол објави дека Ахмети размислува за повлекување по изборите, но од ДУИ порачаа дека такви најави се невистинити и злонамерни.