Министерството за внатрешни работи неколку месеци го расчистува случајот со претепаниот осуденик Стојан Павлески, кој беше еден од осудените за напад на пратеникот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села. Павлевски бил претепан во октомври минатата година кај Зелен пазар и оттогаш се наоѓа на Клиниката за трауматологија, пишува ИРЛ.
Од МВР тогаш било објавено кусо соопштение во дневниот билтен. „На 24.09.2018 од граѓани било пријавено дека на влезот од Зелен Пазар, во паркот лежеле две лица. Полициски службеници излегле на местото, а лицата со возило на Итна медицинска помош биле однесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде им била укажана лекарска помош. По преземените мерки било утврдено дека станува збор за лицата В.Т. (58) и С. Павлевски (52), двајцата од Скопје, стои во соопштението од МВР.
Верица Митевска, сестрата на Павлески, за ИРЛ опишува како тој и негов пријател биле нападнати кај Зелен пазар во центарот на градот.
„Двајцата биле претепани, случајни минувачи ги нашле како лежат на улица во бесознание. Минувачите случајот го пријавиле во полициската станица Беко. Полицијата дошла и брат ми и неговиот пријател биле пренесени со брза помош на клиника. Пријателот бил со скршена рака, додека на брат ми му била направена операција на носот, а исто така имал повреди и на главата.