Адвокатот Срџан Амет, правен застапник на семејството на двегодишното дете кое почина во новогодишната ноќ, јавно побара итна, темелна и транспарентна истрага за трагичниот настан, посочувајќи дека околностите под кои настапила смртта сè уште не се разјаснети, а семејството не добило конкретни одговори од надлежните институции.
Според изјавата на Амет, на 31 декември, односно во раните часови на 1 јануари, околу 00:05 часот, семејството Арслани се наоѓало пред својот дом за да го проследи новогодишниот огномет. Домот се наоѓа во импровизирана населба во близина на топланата на БЕГ. Во еден момент, мајката забележала дека двегодишното дете Нагип е неподвижно и не реагира. По обидите на родителите да го разбудат, утврдиле дека детето не дише.
Истовремено, било забележано повредување во пределот на главата, со видливи траги на крварење. Родителите, како што наведува адвокатот, немаат никакви сознанија како и кога настанала повредата, ниту претходно било забележано какво било опасно дејствие или инцидент што би укажувал на ризик по детето.
Детето било итно пренесено во здравствена установа, каде медицинските лица ја констатирале смртта. Поради нејасните околности и видливата повреда на главата, телото било предадено на Институтот за судска медицина за вршење обдукција.
Денес, двегодишниот Нагип бил погребан. На семејството, според адвокатот, им била доставена единствено потврда дека смртта е резултат на насилна смрт, без дополнителни наоди, образложение или информации за точната причина и начинот на настанување на повредата.
Амет посочува дека во исто време остануваат отворени сериозни прашања, меѓу кои и зошто членови на потесното и поширокото семејство биле приведени и лишени од слобода, врз основа на кои индиции или докази се преземени такви мерки, како и зошто изготвувањето на детален обдукциски извештај е најавено во рок од три недели, иако станува збор за случај со малолетно дете и исклучително чувствителен предмет.
Во име на семејството, адвокатот нагласува дека барањето за итна и целосна истрага е во интерес на вистината, правдата и заштитата на достоинството на починатото дете и неговите најблиски. Очекува надлежните органи да постапат професионално, законито и без одолговлекување, со цел целосно расветлување на трагичниот настан и утврдување на одговорност, доколку таква постои.