Преку зајакнување на инспекторските служби Општина Центар ќе го спроведува хуманото градење во општината, најави Горан Герасимовски во вечерашното гостување во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5.
„Прво нешто што ќе направиме е промена на систематизацијата и зголемување на бројот на општинската инспекциска служба, тоа е нешто што мора да се направи и е неопходно. За поздравување е брзата реакција на општина Центар со нелегалната градба на Водно која веднаш беше сопрена и во наредниот период ќе постапуваме на ист начин. Само така ќе имаме спроведување на законите и градење според закон“, изјави Герасимовски на Канал 5.
Тој исто така кажа дека во општина Центар зеленилото има навистина висок приоритет. Во општината за секое иселено дрво ќе одлучува стручен тим од професори екологисти и за сите дрва ќе биде направен регистар. Така ќе се знае кои дрва се стари и може да се исечат, а за секое исечено ќе бидат засадени две нови, најави Герасимовски. Тој напомена и дека не треба да се заборави како ВМРО-ДПМНЕ постапуваше со зеленилото
изминатиот период.
„Да не заборавиме што во минатото. Сега зборуваме за сеча на 13 дрва но да не заборавиме дека имаше сеча на бул. „Илинденска“ и сеча и протест на паркот на бранителите кај х. Бристол, дека имаме бетонизација на цел плоштад каде имавме многу дрва и зеленило. Сега имаме зелен појас колку што дозволуваат условите, а ќе спроведуваме колку што можеме. Не треба да заборавиме дека изминативе неколку години со ревидирање на ДУП-овите имаме заштитено 14 000 метри квадратни зеленило, имаме памптрак наместо нов хотел кај Олимписки базен и сите тие примери мора ги продолжиме. Примерите во другите земји се одлични и треба да ги применуваме и секоја површина која е јавна да биде зелена површина, градинка, училиште, културен Центар и за што повеќе зелени површини и што повеќе дрва во нашата општина“, рече Герасимовски.
Во иднина сериозно внимание општината ќе посвети и при реконструкцијата на улиците чија пракса често е истите да се реконструираат па потоа да се раскопаат за поставување на атмосферски канализации или други зафати, најави Герасимовски кој порача дека тоа повеќе нема да се случува.