При вооружен грабеж на банка во градот Берија, во американската сојузна држава Кентаки, две лица – вработени во банката – се убиени, додека напаѓачот е во бегство, соопштија надлежните служби.
Според полицијата на Кентаки, маж облечен во сива дуксерка и со маска влегол во филијала на Американската банка и пукал кон двајца вработени, маж и жена, кои починале на самото место.
Во потрагата по осомничениот се вклучени локални и државни полициски сили, како и Федералното истражно биро. За пребарување на теренот се користат хеликоптери, дронови и полициски кучиња, додека истражителите ги анализираат снимките од безбедносните камери и прибираат информации од граѓани.
Властите објавија фотографија од осомничениот и упатија апел до јавноста за секоја информација што може да помогне во неговото пронаоѓање.
Поради случајот, привремено се затворени и училиштата во пошироката област, а истрагата за мотивите и околностите на нападот продолжува.