Со тактичко-показна вежба, презентација на специјализирана опрема и доделување признанија, Единицата за брзо распоредување (ЕБР) денеска во Битола одбележа 25 години од формирањето.
Свеченоста се одржа пред Офицерскиот дом, каде што беше истакната улогата на единицата во заштитата на граѓаните и државата, како и нејзиниот ангажман во справувањето со најсложените безбедносни предизвици.
ЕБР е формирана во 2001 година. Во изминатите 25 години, нејзините припадници учествувале во различни сложени полициски операции, обезбедување лица и објекти, поддршка на други полициски единици, како и во ситуации со поголеми нарушувања на јавниот ред и мир.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, оцени дека ЕБР денес претставува еден од најзначајните оперативни сегменти на македонската полиција и еден од столбовите на безбедносниот систем.
„Кога ситуацијата бара брза реакција, високо ниво на подготвеност, дисциплина, координација и професионалност, припадниците на оваа единица се таму каде што се најпотребни“, истакна Тошковски.
Тој посочи дека безбедносните предизвици денес се поинакви од оние со кои полицијата се соочувала пред повеќе од две децении, особено поради сè пософистицираните и помобилни форми на организиран криминал. Затоа, како што нагласи, потребни се современа технологија, специјализирана опрема, подобра координација и високообучен кадар.
Во рамки на одбележувањето беше изведена и тактичко-показна вежба, преку која припадниците на ЕБР ги презентираа своите оперативни способности и подготвеност. Присутните имаа можност да ја разгледаат и специјализираната опрема на единицата.
На свеченоста беа доделени благодарници и плакети. За најдобар припадник на ЕБР во изминатата година беше прогласен Драган Атанасов, кој доби благодарница за постигнатите резултати.
Плакета му беше врачена и на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, од страна на директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.
Признанија за придонес во поддршката и унапредувањето на проектите на ЕБР добија и Ристо Ставревски, Ѓорѓи Божинов и Васко Наумовски.
Вкупно 33 припадници на единицата беа наградени со плакети за 25 години поминати во ЕБР.