Неизвесноста на енергетските пазари и забрзаната инфлација во еврозоната ја ставаат Европската централна банка (ЕЦБ) пред ново зголемување на каматните стапки, но истовремено отвораат прашања колку долго ќе продолжи затегнувањето на монетарната политика, пишува CNBC.
Според податоците на LSEG, финансиските пазари во целост очекуваат ЕЦБ во четврток да ја зголеми клучната каматна стапка за најмалку 25 базични поени.
Очекуваната одлука следува во услови на раст на инфлацијата во еврозоната, која во август достигна 3,3 отсто, додека цените на енергијата пораснаа за 14,3 отсто. Како нето-увозник на енергија, еврозоната е особено изложена на последиците од војната меѓу САД и Иран и ризиците за транспортот низ Ормускиот Теснец, што придонесе за нагло зголемување и висока нестабилност на цените на нафтата.
Паралелно со тоа, растат и трошоците за задолжување на европските влади, а приносите на државните обврзници достигнаа највисоки нивоа во повеќе децении.
ЕЦБ во јуни ги зголеми каматните стапки за првпат од 2023 година, со што клучната стапка достигна 2,25 отсто. На следниот состанок таа остана непроменета.
Економистот Феликс Федер од Aberdeen смета дека новото зголемување е „речиси сигурно“, но според него клучното прашање е дали тоа ќе биде почеток на подолг циклус на затегнување на монетарната политика.
Тој оценува дека високите цени на енергијата, растот на платите и зголемените инфлациски очекувања ќе продолжат да ја насочуваат ЕЦБ кон ризиците од дополнително зголемување на инфлацијата.
Сепак, инвеститорите немаат единствено очекување за тоа до каде би можеле да стигнат каматните стапки. Истражувањето на Deutsche Bank покажува дека повеќе од една третина од испитаниците очекуваат клучната стапка да достигне 2,75 отсто. Една четвртина прогнозира уште само едно зголемување, додека друга четвртина очекуваат циклусот на зголемување на каматите да заврши на ниво од 3 отсто.