Партијата Единствена Македонија со остра реакција се огласи по појавата на текст во кој, според нив, биле изнесени лажни обвинувања против лидерот Јанко Бачев и партијата. Од таму демантираат дека имаат каква било врска со писмото објавено под наслов „Хотелот не краде струја, станува збор за лажна кампања на Јанко Бачев“, кое наводно било испратено од лице по име Јован Невеселов.
„Најостро го осудуваме и демантираме лажното писмо кое денеска се појави во вашиот медиум. Станува збор за лажно писмо и лажни обвинувања против Бачев,“ велат од партијата, додавајќи дека Невеселов лично потврдил дека нема никаква поврзаност со содржината објавена во медиумите.
Ќе следуваат постапки пред надлежните органи
Од Единствена Македонија најавуваат дека ќе преземат правни мерки за откривање на авторот на писмото и за покренување соодветни постапки поради клевета и оцрнување.
„Се работи за лажно клеветење и оцрнување на Бачев и партијата. Во наредниот период ќе преземеме дејствија пред надлежните органи,“ стои во реакцијата.
Важечки договор за закуп, во тек судски спор
Партијата нагласува дека нема незаконито користење на деловни простории, како што било наведено во писмото, и посочува дека има валиден договор за закуп уште од 2005 година.
„Наводите дека Единствена Македонија узурпирала простории се ноторна лага. Партијата има валиден договор за закуп, а во моментот се води граѓански спор со АД за стопанисување со станбен и деловен простор, кое на криминален начин ја упишало зградата,“ наведуваат од партијата, додавајќи дека медиумите се поканети да го следат судскиот процес.
„20 години се фабрикуваат лаги против Бачев“
Во заклучокот од соопштението, Единствена Македонија обвинува дека вакви „удбашки финти“ се повторуваат со години.
„Вакви работи на клеветење и оцрнување се фабрикуваат веќе 20 години против претседателот Бачев и Единствена Македонија во домашните наменски кујни со потесна специјалност за удбашки финти,“ наведуваат од партијата.