Една година по трагичната смрт на младата Фросина Кулакова, семејството со длабока тага најави помен и упати повик за молитва и сеќавање. Во сабота, на 24 јануари 2026 година, на градските гробишта во Неготино ќе се оддаде почит на животот што прерано згасна.
„Во сабота на 24.01.2026 една година помен на нашата ќерка, твојата, мојата, вашата, чедото кое го откинаа од своето семејно гнездо, ангелот на кого му ги скршија крилјата кои насмевки и светлост носеа, една година од ангелот кој е во рајската градина каде што сите ангели вечно живеат, во нашите срца, во мислите, во душата.
Семејството на Фросина ја испраќа својата тага и болка, преку почит и повик кон сите кои би можеле да се помолат за душата на Фросина и до сите кои би можеле да ѝ го осветлат небото со палење на свеќа на нејзиното вечно почивалиште на градските гробишта во Неготино во 11.00 часот.
Нашите молитви ќе ги испратиме заеднички кон ангелот чија светлост секогаш ќе сјае.
Семејството на Фросина:
Драги пријатели, роднини…
Во сабота, во 11:00 часот, ќе одржиме помен / парастос – една година од заминувањето на нашето мило дете, АНГЕЛ-Фросина.
Една година помина. Но за нас – не помина ништо. Болката не се мери со време. Се мери со празнината што останува засекогаш.
Фросина не беше „само млад живот“. Фросина беше светлина, добрина, чистина, милина, убавина… и нашата најголема љубов. Центарот на нашето семејство…
Ги повикуваме сите роднини, пријатели, другари и колеги кои ја носат Фросина во срцето – да дојдат, да запалат свеќа, да кажат молитва и да ѝ оддадат почит. Да не биде сама во споменот. Да не биде заборавена. Никогаш.
Сабота – 11:00
Неготино / градски гробишта
Вечна ти слава, Фросинче наше миличко. Биди најмила при Бога, како овде нам…
Тато, мама, Бато – те сакаат бескрајно.“, стои во објавата
Фросина Кулакова беше смртно прегазена од 20-годишниот Васил Јованов, кој на булеварот „Партизански одреди“ под дејство на алкохол, поминал на црвено светло со брзина од 91 километар на час и без возачка дозвола.
Судијката Снежана Марковска изрече казна од 12 години затвор за Васил Јованов.