Поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, реагираше на обвинувањата изнесени од премиерот и актуелното раководство на Агенцијата за наводни злоупотреби на државните ресурси во периодот 2019–2024 година. Тој се осврна на тоа дека сегашниот премиер Христијан Мицкоски не бил таргет на агентите, но не искоментира ништо за следењето на јавната обвинителка Вилма Русковска и новинарите Кристијан Ландов и Љупчо Златев.
„Одговорно тврдам дека тогашниот лидер на опозицијата, а сегашен премиер, во периодот од 2019 до 2022 година не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, не бил предмет на организирана оперативна работа, ниту пак бил таргет кон кого биле применувани какви било оперативно-технички мерки,“ изјави Димовски.
Тој потврди дека во тој период АНБ спровела постапки за преиспитување на безбедносни сертификати, вклучително и за еден тогашен и сегашен пратеник, поради оддавање класифицирани информации, за што била поднесена кривична пријава.
„Го повикувам директорот на Агенцијата веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, особено тие што се однесуваат на прислушкување на тогашниот лидер на опозицијата. Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушкувања,“ порача Димовски.
Тој нагласи дека очекува овојпат да нема изговори за „класифицирани информации“ и предупреди на опасноста од шпекулации со имиња на лица кои, според дел од медиумите, биле поврзувани со случајот.