Агенцијата за национална безбедност (АНБ), во координација со МВР и Основното јавно обвинителство, презела истражни дејствија против македонски државјанин за кого постои сомнение дека е поврзан со странски фактори и пропагандна мрежа во земјава.
Според АНБ, на 18 септември 2026 година бил извршен претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени и одземени предмети, кои дополнително се вештачат. Дејствијата биле преземени поради сомнение за сторени кривични дела поврзани со предизвикување национална, расна и верска омраза, одавање службена тајна и ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем.
Од АНБ тврдат дека станува збор за пропагандна мрежа составена од портали кои се интегрирани во македонскиот медиумски простор. Според Агенцијата, вистинските актери се кријат зад клонирани псевдопортали регистрирани со македонски интернет-домен.
Преку овие портали, како што наведува АНБ, се шират лажни вести и дезинформации и се преобликуваат наративи поврзани со актуелни настани. Од Агенцијата тврдат дека на тој начин се поткопува довербата во институциите и се поттикнуваат етничка и национална омраза и нетрпеливост.
АНБ наведува дека актуелните активности се продолжение на претходно попречени, како што ги нарекува, проруски хибридни активности на македонски државјанин поврзан со овие пропагандни мрежи, против кого претходно била поднесена кривична пријава за ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем.
Агенцијата соопшти дека и понатаму ќе презема активности за откривање и спречување на, како што наведува, субверзивно-пропагандни активности преку мрежа на портали поврзани со регионални проруски политички структури, за кои АНБ тврди дека директно ги поткопуваат евро-интегративните процеси на земјава.