Продолжува вработувањето на блиски членови на семејствата на функционери на ДУИ и по укажувањето на премиерот Заев. Како најатрактивна компанија за вработување на блиските членови на владините функционери и натаму останува компанијата ЕЛЕМ.
Синот на Тахир Хани, заменик-генерален секретар во Владата, е нововработен во АД ЕЛЕМ. Назми Хани е вработен на местото референт во подружница Треска на Електрани на Македонија.
По најавите на премиерот Зоран Заев и министерот за информатичко опшество и администрација Дамјан Манчевски, дека нововработените роднини на функционери во државните институции и претпријатија ќе си дадат отказ од своите работни места, ниту еден од нив кој беше вработен во државната ЕЛЕМ досега не го сторил тоа.
Портпаролката на ЕЛЕМ, Јасминка Аневска, вели дека до крајот на вчерашното работно време до управата на претпријатието не стигнало барање за спогодбено раскинување на работниот однос.
Во ЕЛЕМ беа вработени четири роднини на високи функционери. Ќерката на претседателот на Собранието Талат Џафери, синот на пратеничката Мира Стојчевска, сестрата на министерот за култура Асаф Адеми и Љубислав Несторовски, сопруг на високата функционерка на владејачката СДСМ Магдалена Несторовска.
За сите овие случаи Антикорупциската комисија започна постапка за утврдување дали постои судир на интереси.