Осудениот за настаните од 27 април, Јане Ченто, преку јавна објава испрати силна лична порака, во која зборува за, како што наведува, тешките искуства низ кои поминал за време на постапките и издржувањето на казната.
„Јас сум горд на себе после сè што издржав. Поминав низ најтешките моменти во животот. Сам. Имаше денови кога не знаев дали ќе останам жив… после сè што ми правеа и психички и физички. Не се скршив“, напиша Ченто.
Тој посочува дека притисоците, наместо да го оттурнат, го зајакнале.
„Секој притисок ме правеше посилен да не се предадам“, додава тој.
Во објавата споделува и средба со поранешен командир од затворот во Шутка, кој, според неговите тврдења, му рекол дека е подготвен да сведочи за случувањата.
„Тешко тебе што ти правеа… Кога ќе треба, ќе дојдам и ќе кажам сè“, наведува Ченто дека му било кажано.
Во пораката, Ченто инсистира дека вистината, и покрај обидите да биде сокриена, ќе излезе на површина.
„Вистината не умира. Може да се крие, може да се оттурнува… но секогаш наоѓа пат да излезе“, пишува тој.
Тој нагласува дека неговата борба не е за личен интерес, туку против неправда.
„Не се борев за поени. Не се борев за слава. Се борам затоа што знам што значи неправда“, наведува Ченто.
Објавата ја завршува со јасна порака:
„Не успеаја да ми го земат достоинството, вербата и силата да продолжам. Не успеаја да ме скршат. И нема ни да ме скршат. Јас не заборавам. Но и не се предавам.“