Есента на северната полутопка, вклучително и во Македонија, ќе настапи ноќеска во 2:05 часот по полноќ. Во истиот момент на јужната полутопка ќе започне пролетта.
Првиот есенски ден, 23 септември, е 266-тиот ден во годината и ќе трае 12 часа и 7 минути. Во Скопје Сонцето ќе изгрее во 6:22 часот, а ќе зајде во 18:30 часот.
Во моментот на есенската рамноденица Сонцето се наоѓа над екваторот, поради што денот и ноќта се приближно еднакво долги. По рамноденицата, гледано од Земјата, Сонцето го преминува небесниот екватор и продолжува со своето привидно движење кон јужната полутопка.
За жителите на Македонија, почетокот на есента означува период во кој денот постепено ќе се скратува, а ноќта ќе се продолжува. По рамноденицата, Сонцето секој ден ќе заоѓа сè порано, а ќе изгрева сè подоцна. Овој процес ќе трае до зимската краткоденица на 21 декември, кога северната полутопка ќе го има најкраткиот ден и најдолгата ноќ во годината и ќе започне зимата.
Астрономскиот почеток на есента не паѓа секогаш на ист датум и во исто време. Тој е поврзан со точниот момент на рамноденицата, чие настапување се менува од година во година.
За разлика од астрономската, метеоролошката есен започнува на 1 септември и трае до 1 декември.