Есента пристигна на северната полутопка, вклучително и во Македонија. Астрономски, новото годишно време настапи ноќеска во 2:05 часот, во моментот на есенската рамноденица. Во истиот момент на јужната полутопка започна пролетта.
Денеска, 23 септември, е првиот есенски ден и 266-тиот ден во годината. Во Скопје Сонцето изгреа во 6:22 часот, а ќе зајде во 18:30 часот, па денот ќе трае 12 часа и 7 минути.
За време на есенската рамноденица Сонцето се наоѓа над екваторот, поради што денот и ноќта се приближно еднакво долги. По рамноденицата, Сонцето, гледано од Земјата, го продолжува своето привидно движење кон јужната полутопка.
Со пристигнувањето на есента, деновите во Македонија постепено ќе стануваат пократки, а ноќите подолги. Сонцето секој ден ќе заоѓа сè порано и ќе изгрева сè подоцна, сè до зимската краткоденица на 21 декември. Тогаш северната полутопка ќе го има најкраткиот ден и најдолгата ноќ во годината, со што ќе започне зимата.
Астрономскиот почеток на есента не е секогаш на ист датум и во исто време, бидејќи зависи од точниот момент на рамноденицата, кој се менува од година во година.