Европската Унија прави нов чекор кон создавање посамостојна платежна инфраструктура, со која би ја намалила зависноста од странски системи за плаќање. Во фокусот на овие напори е дигиталното евро, замислено како дополнување на готовината и постојните банкарски услуги, а не како нивна замена.
Преговорите меѓу Европскиот парламент и земјите членки за начинот на кој ќе функционира дигиталното евро се во завршна фаза. Според актуелните планови, пилот-проектот треба да започне во 2027 година и да опфати 36 даватели на платежни услуги, додека дигиталното евро би можело да стане достапно за плаќања на мало од 2029 година.
Во меѓувреме, европската платежна инфраструктура се зајакнува и преку приватниот сектор. Европскиот платежен сојуз EuroPA и Европската платежна иницијатива EPI постигнаа договор за поврзување на нивните системи за инстант-плаќања, со што се отвора можност за создавање мрежа што би опфатила околу 380 милиони корисници во 15 земји членки.
EuroPA ги поврзува националните платежни системи како шпанско-андорскиот „Бизум“, италијанскиот „Банкомат“, полскиот „Блик“ и нордискиот „Випс мобиле пеј“. EPI, пак, го развива брендот „Веро“, кој функционира на пазари како Германија, Белгија, Франција, Холандија и Луксембург.
Целта на овие иницијативи е постепено да се создаде поинтегрирана европска платежна мрежа, со поголема автономија и поширока употреба на инстант и дигитални плаќања. Доколку плановите се реализираат според предвидената динамика, дигиталното евро би можело да биде достапно за секојдневни плаќања од 2029 година.