Европски земји тврдат: Алексеј Навални бил отруен со токсин од отровни еквадорски жаби

Скопје1.мк's avatar
Автор: Скопје1.мк

објавено пред 8 часа -

Свет
navalni

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални починал во затвор како последица на труење со смртоносен токсин кој се наоѓа во отровни еквадорски жаби, тврдат пет европски држави, оценувајќи дека станува збор за „варварски чин“ со употреба на супстанција класифицирана како хемиско оружје.

— реклама —

Според нив, неуротоксинот епибатидин можел да биде употребен единствено од режимот на рускиот претседател Владимир Путин. Навални почина на 16 февруари 2024 година, на 47-годишна возраст, во казнена колонија во Сибир. Начинот на кој, наводно, бил внесен отровот во неговиот организам засега не е јавно прецизиран, пренесува „Скај њуз“.

— реклама —

Епибатидин е исклучително силен неуротоксин кој се наоѓа во одредени видови отровни жаби во Еквадор и, според достапните податоци, е околу 200 пати посилен од морфиум. Се наведува дека домородни племиња во Јужна Америка го користеле при лов, нанесувајќи го на стрели или дувачки цевки.

— реклама —

Резултатите од истрагата ги објави Јулија Навална, вдовицата на рускиот дисидент, на прес-конференција на маргините на Минхенската безбедносна конференција. Покрај неа стоеја министрите за надворешни работи на Обединетото Кралство, Германија, Шведска и Холандија. Во истрагата учествувала и Франција, а земјите најавија дека своите наоди ќе ги достават до Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ).

„Тешко ми е да ги најдам вистинските зборови“, изјави Навална, видно потресена. Таа потсети дека и на 16 февруари 2024 година била во Минхен кога ја добила веста за смртта на сопругот. „Реков дека мојот сопруг е отруен. Што друго можеше да му се случи на непријателот број еден на Путин во руски затвор? Сега знам дека тоа не се само зборови, туку научно потврдени факти“, истакна таа.

Руските власти претходно соопштија дека смртта на Навални не била сомнителна и дека починал поради „комбинирани болести“, вклучително и нарушување на срцевиот ритам.

Британската министерка за надворешни работи Ивет Купер изјави дека Обединетото Кралство и сојузниците работеле „со немилосрдна решителност“ за да го утврдат вистинскиот причинител на смртта. Според достапните информации, научници од британската лабораторија во Портон Даун имале клучна улога во идентификацијата на токсичната супстанција.

„Потврдивме дека во телото на Алексеј Навални е пронајден смртоносен токсин кој се наоѓа во отровни еквадорски жаби. Само руската влада имала средства, мотив и можност да го употреби овој отров против него во затвор“, изјави Купер.

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул го опиша епибатидинот како „особено силен нервен отров“, нагласувајќи дека жртвите „се гушат во агонија“. Шведската министерка Марија Малмер Стенергард оцени дека утврдувањето на вистинската причина за смртта е клучно за да може Русија да биде повикана на одговорност.

„Со овие информации ќе се обратиме до ОПЦВ. Ова е уште еден начин да се зголеми притисокот врз Русија“, изјави таа.

Кремљ засега не се огласи по повод овие наводи. Владата на Путин и претходно беше обвинувана дека во 2020 година се обидела да го убие Навални со нервниот агенс „новичок“, истата супстанција која, според западните земји, била употребена во 2018 година во Солсбери при труењето на поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка.

Навални тогаш го преживеа труењето и се лекуваше во Германија, по што се врати во Русија, каде беше уапсен и осуден. Погребан е во март 2024 година во предградие на Москва.

Сподели

Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Сподели
Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања