Тројца од шестмината обвинети во случајот со незаконско издавање и фалсификување возачки дозволи признаа вина и добија затворски казни, информираа од Основниот кривичен суд Скопје.
На последното рочиште, тројцата обвинети кои биле присутни во судницата ја признале вината. Првообвинетата е осудена на две години и шест месеци затвор, додека второобвинетиот и третообвинетиот добиле затворски казни од по една година и три месеци.
Во предметот се обвинети вкупно шест лица, од кои тројца во моментов се недостапни за органите на прогонот.
Случајот е поврзан со акцијата спроведена пред околу десетина дена, во рамките на која беа откриени сомневања за незаконско издавање и фалсификување возачки дозволи за категориите Ц и Д.
Истрагата била отворена од Внатрешната контрола на Министерството за внатрешни работи, при што било утврдено сомнение дека вработени во управните служби незаконски впишувале повисоки категории во возачките дозволи на лица кои немале положено соодветен возачки испит за управување со камиони или автобуси.
По откривањето на случајот биле преземени дополнителни проверки за да се утврди колку службеници биле опфатени со сомнителните активности и колку возачки дозволи биле издадени на ваков начин.