Американските власти обвинија пет лица, кои и натаму се на слобода, дека биле дел од мрежа поврзана со руските разузнавачки служби, која планирала целни убиства во САД и европски земји што ја поддржуваат Украина.
Според обвинението објавено пред федералниот суд на Менхетен, мрежата плаќала или се обидувала да плаќа лица во САД и други земји за следење на потенцијални жртви, со крајна цел нивно убиство.
Од лицата регрутирани во мрежата, наводно, било барано и да извршуваат терористички напади врз цивилна и воена инфраструктура во европски земји кои се сметаат за сојузници на Украина.
Џејмс Барнакл Помладиот, шеф на канцеларијата на ФБИ во Њујорк, изјавил дека ФБИ ги спречил плановите преку „упорна работа“, додавајќи дека припадници на руските разузнавачки служби и нивни соработници планирале да заплашуваат, загрозуваат или убиваат лица во САД и ширум светот.
Дарен Кокс, шеф на канцеларијата на ФБИ во Вашингтон, го истакнал, како што навел, заедничкиот ангажман на повеќе теренски канцеларии, оддели и партнерски агенции, со кој биле спречени обиди на Русија за извршување насилни активности во Вашингтон и низ САД.
Според соопштението, мрежата составена од лица кои работат за руските разузнавачки служби планирала и извршувала напади и убиства низ светот, вклучително и во САД, уште од почетокот на 2024 година.
Властите ја опишуваат мрежата како еден од „краците“ на рускиот државен апарат наменет за извршување напади во странство, вклучително и убиства.
Првично, мрежата била насочена кон руски дисиденти и пребегани лица, но во поново време почнала да таргетира земји кои се сметаат за сојузници на Украина. Според властите, нејзини членови неодамна се обиделе да регрутираат повеќе лица во САД.
Во обвинението се наведува дека мрежата летово регрутирала лице кое живеело во САД со задача да следи и убие истакнат руски дисидент за кого се верувало дека престојува во земјата.
Лицето, означено во обвинението само како „резидент на САД-1“, било упатено на две локации поврзани со целта и добило „изречни упатства за тоа како да го спроведе надзорот“. За задачата му биле ветени 1.000, односно 1.500 долари.
Откако извршил надзор и доставил фотографии и снимки од локациите поврзани со планираната жртва до еден од мажите опфатени со обвинението, лицето одбило понуда од 40.000 долари за да ја „елиминира“ или „отстрани“ целта преку убиство.
По одбивањето, припадникот на разузнавачката служба кој ја упатил понудата се обидел да регрутира други лица во САД за извршување на задачата, нудејќи им значителни парични суми, се наведува во обвинението.