На крајот на декември истекува 6 годишниот мандат на Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, но договарањето за негов наследник тешко им оди на коалициските партнери. Огласот распишан на 29 ноември завршува, а измените во Законот за јавно обвинителство го стесни кругот на можни претенденти.
Ако на последниот избор имаше дваесетина кандидати, меѓу нив и адвокати, професори, судии, нотари, обвинители, како што дознава Скопје1, досега се познати три имиња кои пројавиле интерес да раководат со Обвинителството: Фатиме Фетаи, Лидија Раичевиќ и Љупчо Коцевски. Информацијата засега не е потврдена бидејќи детали ќе се споделат кога огласот ќе заврши.
Популарната специјална обвнителка Фатиме Фетаи заедно со колегата Сашо Рајчев има две кривични пријави, едната за случајот со “Доказ” и втората за нестручно постапување. Вишата обвинителка Фетаи предложи пред еден месец реизбор на судиите и обвинителите.
За реформи кои ќе бидат суштински, а не козметички се залагаше и Лидија Раичевиќ која сепак многумина ја паметат по случајот во Советот на јавни обвинители. Обвинителката Фиданка Рајевска гласала кога точка на дневен ред бил изборот на нејзината колешка Лидија Раичевиќ, која, пак, е обвинителка во предмет кој е индиректно поврзан со Рајевска, односно се води истрага за нејзиниот сопруг. Се работи за предметот „Банки“, во кој се вклучени неколку големи македонски банки кои креирале фиктивни шеми на должничко-доверителски односи.
За човекот од заднина малку се знае. Љупчо Коцевски во Државното обвинителство дојде од Вишото јавно обвинителство во Гостивар во јануари 2022.
Но, има шанси договор да нема, а и со објавување на огласот се доцнеше, па да се оди со В.Д. Јавен обвинител, а тоа според наши информации би била Соња Симовска од ЈОРМ. Функцијата ќе ја врши до изборот на нов обвинител. Доколку за пријавените нема мнозинство или не им се „допаднат“ на пратениците, да се оди со распишување на нов оглас.