Во фокусот на јавноста повторно се најдоа реакциите за третманот на повредените од трагедијата во Кочани, откако пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче, жестоко ја критикуваше Владата за, како што рече, несоодветен одговор на здравствените потреби на настраданите. Според него, обидот да се користи туристичкиот објект „Пониква“ како рехабилитациски центар е не само неефикасен, туку и понижувачки за жртвите. Од Владата, пак, велат дека објектот ќе биде адаптиран со дополнителен медицински кадар и апелираат политичките партии да не ја злоупотребуваат трагедијата за политички цели.
„Што направи власта? Прво – не испорача правда. Понатаму – не испорачува здравствена услуга. Луѓето имаат реален проблем, а тие им го нудат центарот ‘Пониква’ за некаква рехабилитација. Во ‘Пониква’ не можеш ни на одмор да одиш, а не пак да третираш толку сериозни медицински состојби,“ истакна Филипче.
Одморалиштето „Пониква“, лоцирано во Осоговијата, е туристички објект кој располага со 27 соби и капацитет од 56 легла. По трагедијата во Кочани, Владата најави дека објектот ќе биде адаптиран за рехабилитација на повредените, со обезбедување на дополнителен медицински кадар кој ќе пружа целосна здравствена нега. Оваа мерка е дел од владините напори за обезбедување континуирана здравствена заштита за настраданите, при што институциите тврдат дека се работи со целосна посветеност. Воедно, од Владата апелираат до политичките субјекти да се воздржат од, како што го нарекуваат, „политичко профитирање врз трагедијата“ и случајот да го остават во рацете на надлежните институции.