Филмот „17“ на режисерката Косара Митиќ ќе ја претставува Македонија во трката за „Оскар“ во категоријата најдобар меѓународен долгометражен филм.
Одлуката ја донесе Комисијата за избор на национален кандидат за „Оскар“ при Друштвото на филмските работници на Македонија, чиј состав е одобрен од Американската академија за филмски уметности и науки.
Годинава во изборот биле пријавени два долгометражни играни филма – „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума и „17“ на Косара Митиќ.
Филмот „17“, во продукција на „Црна Мачка Продукција“, светската премиера ја имаше во програмата „Перспективи“ на 76. Берлински филмски фестивал, а досега има освоено 11 меѓународни награди.
Меѓу позначајните признанија се наградата за најдобар филм на Меѓународниот филмски фестивал во Уругвај, наградата GWFF за најдобар меѓународен дебитантски филм во Ерусалим, како и повеќе награди на Сараевскиот филмски фестивал. Ева Костиќ таму го освои „Срцето на Сараево“ за најдобра актерка, додека филмот ги доби и Наградата од публиката за најдобар игран филм, наградата Cineuropa и Специјалната награда за промовирање на родовата еднаквост.
Косара Митиќ ја освои и „Златната мимоза“ за најдобра режија на Филмскиот фестивал во Херцег Нови.
Во актерската екипа се Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Сашко Коцев, Оливер Митковски и други. Сценариото го потпишуваат Косара Митиќ и Огњен Свиличиќ.
Потесниот избор за „Оскар“ ќе биде објавен на 15 декември, а номинациите на 21 јануари 2027 година. Свеченото доделување на 99. награди на Американската академија е закажано за 14 март 2027 година во Лос Анџелес.