Во срцето на рурална Македонија, Никола – земјоделец кој се соочува со суровата реалност на новите владини политики – спасува повреден бел штрк на депонија, настан кој засекогаш го менува животот и на човекот и на птицата. Така започнува „Приказната за Силјан“ (The Tale of Silyan), нов документарен филм на режисерката Тамара Котевска, која светската публика ја запозна преку „Медена земја“, остварување номинирано за „Оскар“.
Филмот оживува предание со длабоки корени во македонската култура и го преточува во емотивна и визуелно впечатлива приказна за тивката сила на поврзаноста меѓу човекот и природата.
„Приказната за Силјан“ ќе биде прикажана во продукција на National Geographic Documentary Films до крајот на годинава, а потоа ќе биде достапна и на стриминг-платформите „Дизни+“ (Disney+) и „Хулу“ (Hulu).