Управата за финансиска полиција пред Нова Година купила автомобил од 38 илјади евра. Директорот Арафат Муареми договорот го потпишал со добавувачот на 21 декември, а до Бирото за јавни набавки е доставен на 4 јануари. Според објавениот договор, цената на возилото без пресметан ДДВ е 32 илјади евра, а со данокот, чини 38 илјади евра. На огласот за јавната набавка имало само една понуда, објави СДК.МК.
Возилото што го купил директорот за институцијата е „Опел инсигнија гранд спорт бизнис елеганс“ 2.0 дизел. Според промотивните материјали на производителот, станува збор за „софистицирано ниво од бизнис класата“, а според спецификацијата со која победил добавувачот, лимузината е со автоматски менувач со 6 брзини.