Со извици за „Оставка“ и „Никогаш северна, само Македонија“ започна и денешниот протест пред Владата организиран под слоганот „Слобода за уставобранителите“. Поголем дел од насобраните граѓани носат транспаренти за ослободување на Јане Ченто, Горан Ангелов- Ќосето и другите осудени за крвавиот четврток на 27 април 2017.

Според организаторите на протестот, како што е соопштено, организации и здруженија од дијаспората, обвиненијата за тероризам на осудените за „27 април" се политички монтирани. Поддршка на протестот има и од ВМРО-ДПМНЕ, а меѓу присутните се и лидерот на партијата и функционери од раководството.


„Револтиран е народот и му е преку глава. Чашата ја прели именувањето на Кацарска за претседател на Уставниот суд. Народот е на ивица на трпение и ако продолжи вака отсутно да се однесуваат Зоран Заев и владата на СДСМ, јас се плашам дека работата ќе се радикализира уште повеќе. Мојата порака до нив е да не си играат со трпението на народот затоа што тоа трпение има и свој крај. Пендаровски ја менуваше својата изјава во неколку наврати, првично рече дека луѓето не се вниновни за тоа што се осудени, и тоа е нашето барање. Тоа е да се врати процесот отпочеток и да се судат за тоа што навистина го погрешиле пред законот, а не за тоа што го нарачал Зоран Заев за да денеска Кацарска стане претседател на Уставниот суд, истакна претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
За „27 април", 16 лица се осудени на затворски казни од над десет години или вкупно 211 години затвор за кривичното дело „терористичко загрозување на државниот поредок". Амнестирани беа 12 обвинети, меѓу кои тогашните пратеници Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов.

