„Новите згради кои се планира да никнат до ул. Борис Трајковски во населба 11. Октомври значат смрт за 17 големи дрвја и приближно уште толку дрвја кои се помлади“. Ова е ставот на Зелен хуман град, од каде велат дека на терен има механизација и табли и наведуваат: „следно ќе биде извршувањето на пресудата против овие дрвја кои стојат на патот на профитот“.
Нивната реакција во целост:
„Според изјавите на градежните работници, тие воопшто не ни знаат дали дрвјата ќе се сечат. Меѓутоа, на самата табла, тоа е повеќе од очигледно - планираат да исечат сѐ. Визуелизацијата на таблата открива оскуден, тенок појас трева и мали зимзелени дрвца, за разлика од сегашното бујно зеленило кое се гледа на фотографиите.
Во мирното маало кај последна 4ка, старите згради стојат спремни за рушење. Логично, ќе си помислите. Зад нив стојат големите, здрави дрвја, кои до неодамна беа дел од удобни, затскриени задни дворчиња во дебела сенка. Тие дрвја, според општината и документацијата, треба да бидат убиени, за врз нив да се гради нешто што веќе го има премногу, и во Кисела Вода, и во цело Скопје. Непосредно зад нив веќе има нова зграда, која сѐ уште не е ни довршена. Околу неа има само бекатон. Ни трага, ни глас од некогашното игралиште, лулашките, малите дрвја.
Половина парк го нема, другата половина се гуши во градежен шут и друг отпад. Профитот упорно турка напред.
Зелен Хуман Град испрати барање за информации од јавен карактер до Општина Кисела Вода во кое бара увид во одобренијата за градба, како и увид во решенијата за одобрување на сечење и кроење урбано зеленило. Очекуваме одговор во најкраток рок и ќе постапуваме по сите недоследности. Сосема е надвор од разумот да се уништи толкава површина природа, со цел да се оствари профит од продажба на станови, а населбата да продолжи да се гуши во прашина, граѓаните да продолжат да до губат здравјето, а профитерството да напредува.
Вие, кои не сакате да се гушите во бетон и кои сметате дека бетонизацијата и сечата на дрвја треба да запре, за да не го загадуваме воздухот дополнително а дрвјата да ни помогнат за прочистување, Ве замолуваме: споделете ја оваа објава, изразете го вашето незадоволство, и следете нѐ за понатамошни информации. Ако ситуацијата ескалира, ќе треба да организираме протест, на кој ја очекуваме и вашата поддршка!
Зеленилото во Скопје треба да се одржи и да се зголеми. Ниту едно здраво дрво не смее да падне!“.


