Сервисната уличка што поминува покрај објектот на ЈП „Македонска пошта“, под железничката станица во Скопје, е во катастрофална состојба, со голем број дупки и оштетувања на коловозот. И покрај тоа што уличката се користи секојдневно, засега нема никаква интервенција за нејзино сервисирање или асфалтирање.
Граѓаните реагираат на социјалните мрежи, истакнувајќи дека проблемот не се наоѓа во периферни делови, туку во централното градско подрачје.
„Не е во Кушкундалево, во центарот на Скопје е! Па и тие од ЈП МАКЕДОНСКА ПОШТА! Зинале само за плата, никако да зинат за зинатава дупка што им е пред порти! Ако уличниве властелини не знаат, еве јас како поштена граѓанка шо плаќа даноци, ќе апелирам да постелат малку нов асфалт, оти поштенава граѓанка некни обу едни штикли и...ојде предницата. Затоа, го молам горенаведениот наслов да си ја фати работата. Се асфалтира и зиме!“, коментираат жителите.
Втор граѓанин додава дека на уличката има повеќе дупки, а неговиот син ја искинал гумата на колата.
„Ги има повеќе, син ми искина гума од дупка на улица, пошто скината гума не се лепи си купи нова, важно Safe City е во функција.“
Граѓаните апелираат надлежните институции да интервенираат што е можно побрзо, за уличката да стане безбедна за пешаци и возила.