Повеќе од 10.000 посетители вечерва го исполнија охридскиот стадион на концертот „Слаткар и пријателите“, претворајќи го настапот во еден од најпосетените музички настани ова лето во Охрид.
Фан питот беше целосно исполнет, ВИП-зоната распродадена, а илјадници посетители го исполнија и партерот. Од првата до последната песна, публиката во еден глас ги пееше најголемите хитови од 20-годишната музичка кариера на Слаткаристика.
Во текот на концертот на сцената му се придружија негови долгогодишни пријатели и соработници, со кои изведоа заеднички хитови, но и дел од нивните најпознати песни. Атмосферата беше проследена со силни овации, аплаузи и хорско пеење.
Меѓу публиката имаше посетители од сите генерации – од најмладите, до оние кои го следат Слаткаристика уште од неговите први музички чекори.
Концертот е во организација на „Прагма продукција“, која деновиве реализира серија големи музички спектакли во Охрид.
Повеќе детали, фотографии и видеа од концертот на Слаткаристика и неговите гости, „Скопје1“ ќе објави утре.