Во моментов, на граничниот премин Табановце, во функција се осум наплатни пункта за странските возачи кај кои е утврден сообраќаен прекршок евидентиран од системот „Сејф сити“.
Според информациите до кои дојде „Скопје1“, постапката за проверка и наплата на казната трае до 15 минути по возач.
Ова следува по вчерашниот голем метеж на Табановце, кога по воведувањето на проверките за странски регистарски таблички се создадоа долги колони, а дел од патниците на социјалните мрежи се пожалија дека чекале по неколку часа.
Денеска, со осум активни наплатни пункта, постапката е организирана така што возачите кај кои е регистриран прекршок се упатуваат на наплата, додека останатите продолжуваат кон излезот од државата.
Како што претходно објави „Скопје1“, системот „Сејф сити“ и досега ги регистрираше прекршоците направени од возила со странски таблички, но немаше воспоставен механизам тие да бидат санкционирани пред да ја напуштат Македонија. Сега таквиот механизам се применува на Табановце.