Жителите на скопската населба Даме Груев попозната како Геге, денеска на протест. Тие ја блокираа главата сообраќајница. Протестираат затоа што во нивните лични карти е додадено дека живеат во Ново село, место кое се наоѓа веднаш до Даме Груев. Со тоа, сметаат дека се брише нивната населба и се припојува со соседното населено место.
Драги сограѓани - почитувани медиуми, денеска ние граѓаните на населбата Даме Груев излеговме на мирна блокада со цел враќање на името на населбата Даме Груев во институциите и документите кои тие ги издаваат.
Во последните 4 години името на населбата исчезна од личните карти, пасошите, изводите, венчаниците. Се тргнаа и таблите кои упатуваат или укажуваат дека тоа е населба Даме Груев.
Се сомневаме во две сценарија, стои во објавата на Фб на Ѓорче Петров.
1. Бришење на името на револуционерот Даме Груев како дел од договорот за усторијата со Бугарија.
2. Дооформување на катастарска општина Ново Село - за полесно менување на деталниот урбанистички план за уцртување на згради
Ние ќе продолжиме со протестите.
Не го даваме името на населбата во која сме се родиле, пораснале, учеле, дружеле.
Таа е дел од нашиот живот, се вели во објавата.

Дека постои проблем, призна и градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски. Тој на својот Фб профил објави известување до жителите од оваа населба.

-По барање на жителите на населба Даме Груев, општина Ѓорче Петров се обрати до Град Скопје како надлежна институција, барајќи да се изврши корекција во личните карти на жителите на Даме Груев, односно наместо населено место Ново Село да се впише името на улицата и бројот со населеното место Ѓорче Петров како живеалиште.
Град Скопје од своја страна има доставено барање до Централен Регистар да се изврши бараната корекција (во прилог).
-Согласно член 8 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти не може да се врши промена на имињата шест месеци пред одржување на редовните локални избори и една година пред планиран попис.
✔Очекуваме дека по спроведувањето на пописот и локалните избори, во меѓусебна комуникација помеѓу Централен Регистар и Министерството за внатрешни работи, позитивно ќе се реши проблемот, согласно барањето на граѓаните на УЗ Даме Груев, напиша градоначалникот на ФБ.


