Со марш на сеќавањето и откривање спомен-обележје, Струмица вечерва му оддаде почит на младиот музичар Ѓорѓи Ѓоргиев – Џоко, кој на 25-годишна возраст го загуби животот во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На неговиот роденден, во големиот градски парк беше откриено спомен-обележјето посветено на Џоко, но и на сите 64 жртви од трагедијата. Настанот започна со марш на сеќавањето по булеварот „Гоце Делчев“, од каде што присутните продолжија до градскиот парк.
Пред семејството на Џоко – неговите родители Зорица и Драги и братот Димитар, како и пред семејствата на останатите жртви, роднини, пријатели и бројни граѓани, се обрати градоначалникот на Струмица, Петар Јанков.
„И јас лично го познавав Ѓорѓи Ѓоргиев. Гордост е за човек да познава исклучително талентирано, паметно и пристојно дете“, рече Јанков.
Тој порача дека споменот на Џоко и останатите жртви мора да биде проследен со одговорност и правда.
„Мора да има правда за секого. И мора да има одговорност, затоа што само така споменот добива смисла. Ние, како народ, мора да бидеме посвесни, повнимателни и поодговорни“, порача градоначалникот.
За Џоко зборуваше и неговиот татко Драги, додека во име на неговата мајка, која поради болката не била во можност да се обрати, зборуваше Билјана Трајкова. Нејзиното дете го добило тапанот на Џоко како спомен на младиот музичар и неговата љубов кон музиката.
„Нека ова место биде потсетник дека Џоче и сите што ги загубивме една кобна вечер не смеат да бидат заборавени. И дека наша обврска е да направиме сè за ниту едно друго дете да не го загуби животот поради негрижа, неодговорност или недоволна посветеност“, додаде Јанков.
Подигнувањето на спомен-обележјето го поддржаа градоначалникот Петар Јанков и Општина Струмица.