Густ црн чад и силни пламени јазици утринава повторно ја зафатија депонијата што се наоѓа меѓу скопските населби Шуто Оризари и Визбегово. Според информациите од терен, се запалиле стари гуми, а чадот брзо се проширил, прекривајќи делови од околината. Од фотографиите и снимките што ги направи Скопје1, може да се види дека главно горат гуми.

На лице место интервенираат четири возила на Противпожарната единица на Град Скопје, а во гаснењето се вклучени и две возила од „Комунална хигиена“.

Станува збор за уште еден во серија пожари на оваа проблематична локација, која со години претставува еколошка и безбедносна закана за жителите од околните населби.