Претседателот на иранскиот парламент и шеф на иранскиот преговарачки тим, Мохамед Багер Галибаф, изјави дека Ормускиот теснец никогаш повеќе нема да се врати во состојбата што постоела пред војната, нагласувајќи дека со овој стратешки поморски премин ќе управува Исламската Република Иран во согласност со меѓународното право.
Говорејќи при враќањето од преговорите во Швајцарија, Галибаф оцени дека неодамнешниот договор меѓу Иран и Соединетите Американски Држави суштински ја променил ситуацијата во Ормускиот Теснец, пренесе иранската државна телевизија „Прес ТВ“.
„Сите треба да знаат дека управувањето со Ормускиот теснец никогаш нема да се врати во состојбата пред војната. Се разбира, ќе се почитуваат меѓународните прописи, но Иран ќе управува со Ормускиот теснец. Мора да останеме обединети под водството на ајатолахот Сајид Моџтаба Хамнеи и да признаеме дека неговите зборови и насоки се конечни“, изјави Галибаф за иранските медиуми.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и американскиот претседател Доналд Трамп на 18 јуни официјално потпишаа меморандум за разбирање, кој стапи во сила по повеќемесечни интензивни преговори со посредство на Пакистан и поддршка од други земји од регионот.
Во меѓувреме, Трамп во понеделникот во Белата куќа изјави дека Ормускиот теснец е „целосно отворен“ и дека поморскиот сообраќај низ овој стратешки пловен пат се одвива непречено, додавајќи дека САД успешно управуваат со безбедноста во областа.
На новинарско прашање дали повторно би се вклучил во воени дејствија доколку Иран не го исполни рамковниот договор за завршување на конфликтот, Трамп одговори дека ќе „го направи она што мора“.