Новиот германски закон за вработување на граѓани од држави надвор од ЕУ во оваа земја носи неколку значителни промени. Оваа промена ќе им ја олесни постапката за наоѓање работа на работниците кои сакаат да работат во најсилната економија во Европа.
Како што се наведува на сајтот на Владата на Германија, изразот „квалификуван работник“ ќе се користи и за работниците со висока стручна подготовка и за оние со пониска стручна подготовка, што на вторите ќе им го олесни патот до наоѓање работа.
Новиот закон предвидува граѓаните на земјите кои не се членки на ЕУ, а имаат квалификации потребни за Германија, да добијат дозвола за престој од шест месеци за да најдат работа. Во овој период, тие мора да имаат свои средства за живот и да покажат доволно ниво на познавање на германскиот јазик.
Ова значи дека Германија ги отвора вратите и за работна сила и од Македонија.
Еден од главните услови, покрај квалификацијата е познавање германски јазик, поради полесна адаптација, а тоа не смее да биде под ниво А2. Овозможено е задржување во Германија поради пронаоѓање работа, а ќе биде овозможено и дошколување, таму каде што е потребно, поради различноста во образовниот систем на Германија и земјите надвор од ЕУ.