Германија повторно сака да биде домаќин на Летните олимписки игри, а во сабота ќе биде избран градот или регионот што ќе ја претставува земјата во трката за домаќинство во 2036, 2040 или 2044 година.
На вонредното собрание на Германскиот олимписки спортски сојуз (DOSB) во изборот останаа две кандидатури – Минхен и регионот Келн-Рајна-Рур.
Минхен во својата кандидатура се потпира на постојната спортска инфраструктура и наследството од Олимписките игри во 1972 година. Концептот предвидува околу 90 отсто од спортските објекти да се наоѓаат на помалку од 30 километри од Олимпиското село, а повеќето од нив веќе постојат.
Покрај постојните објекти, планирани се и привремени спортски терени на неколку познати локации во градот. Кандидатурата, според организаторите, се темели на одржливост и кратки растојанија меѓу спортските објекти.
Поддршката за кандидатурата е потврдена и на референдум во Минхен, на кој повеќе од 305.000 граѓани се изјасниле, а 66,4 отсто ја поддржале организацијата на Олимписките игри.
Берлин претходно беше меѓу заинтересираните градови, но ја повлече кандидатурата.
Другиот кандидат е регионот Келн-Рајна-Рур, кој опфаќа 15 градови во сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија. Келн би бил водечки град, со Олимпиското село и привремен атлетски стадион.
Организаторите на оваа кандидатура нагласуваат дека спортските објекти би биле постојни или привремени, со што би се избегнала изградба на голем број нови објекти.
Сепак, концептот предвидува натпреварите да бидат распоредени низ голем број градови. Тоа отвора прашања околу транспортот, особено имајќи предвид дека регионот е меѓу најоптоварените со сообраќај во Германија.
На гласањето во сабота ќе има вкупно 144 гласа. Право на глас имаат 42 национални олимписки спортски сојузи, 10 членови на претседателството на DOSB и осум лични членови на организацијата.
Кандидатот што ќе освои апсолутно мнозинство ќе ја добие германската кандидатура. Доколку тоа не се случи во првиот круг, кандидатот со најмал број гласови ќе биде елиминиран, а конечната одлука ќе биде донесена во вториот круг.
Според досегашните проценки на спортските стручњаци, Минхен во гласањето влегува со мала предност. Конечниот резултат ќе го соопшти германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер.