МЗТ Скопје Аеродром по 25 години повторно ќе настапува во европско натпреварување под покровителство на ФИБА, а во клубот веруваат дека дојде време повторно да се врати европскиот сјај кој некогаш беше препознатлив за „сино-белите“. И покрај враќањето на меѓународната сцена, освојувањето на домашните трофеи останува главен приоритет.
Во интервју за клупските медиуми, извршниот директор Филип Ѓоревски истакна дека настапот во ФИБА Еврокупот бил една од неговите главни цели уште од доаѓањето во клубот.
„Играњето во Европа ми беше желба уште од првиот ден кога дојдов во клубот. Летово конечно се поклопија сите услови за да го реализираме тој план. МЗТ Скопје, како најтрофеен и најдоминантен македонски кошаркарски клуб во последните петнаесетина години, има обврска да ја претставува Македонија и на европската сцена“, изјави Ѓоревски.
Тој нагласи дека домашните титули и понатаму ќе бидат во фокусот, но и дека клубот сака повторно да ја оживее атмосферата во спортскиот центар „Јане Сандански“, кога во Скопје гостуваа европски екипи како Реал Мадрид, Улм, Порто и Бенфика.
Осврнувајќи се на групата во ФИБА Еврокупот, Ѓоревски оцени дека МЗТ добил силни противници, но истакна дека во клубот веруваат во сопствените можности и ќе се обидат достоинствено да ја претстават македонската кошарка.
Во однос на формирањето на тимот, тој рече дека се работи на состав кој ќе биде комбинација од искусни и млади домашни кошаркари, засилен со квалитетни странски играчи.
„Продолжувањето на соработката со Дамјан и Војдан Стојановски ни значи многу, не само поради нивниот квалитет, туку и поради лидерството. Ги вративме и репрезентативците Лука Стојановски и Никола Василевски, а договорени сме и со уште неколку кошаркари чии трансфери наскоро ќе бидат официјализирани“, истакна Ѓоревски.
Тој додаде дека секој ангажман е внимателно анализиран, бидејќи целта е да се создаде компактен тим во кој секој играч ќе има јасно дефинирана улога.
Ѓоревски зборуваше и за промените во младинската школа, каде координатор стана Саша Димитријевиќ. Според него, неговото долгогодишно искуство ќе придонесе не само за развојот на младите кошаркари, туку и за унапредување на работата на тренерите, со цел младинскиот погон повторно да стане главен извор на играчи за првиот тим.
Осврнувајќи се на петгодишниот период на чело на клубот, Ѓоревски потсети дека МЗТ наследил сериозни финансиски проблеми, но истакна дека во меѓувреме клубот успеал истовремено да освојува трофеи и да ја стабилизира финансиската состојба.
„Денес клубот е финансиски посилен и постабилен од година во година. Верувам дека не е далеку денот кога целосно ќе ги затвориме сите наследени обврски и МЗТ ќе функционира на целосно здрави основи“, рече тој, заблагодарувајќи им се на Општина Аеродром и на спонзорите за поддршката.
Новата сезона за МЗТ Скопје Аеродром ќе почне во средината на август, кога тренерот Васко Атанасов ќе ја означи првата прозивка и почетокот на подготовките за настапите во домашните натпреварувања и во ФИБА Еврокупот.