И во македонските и во бугарските историски учебници има простор за подобрување, вели претседателот на македонскиот тим во заедничката историска Комисија, Драги Ѓоргиев, во интервју за Дојче веле.
– Јас би бил задоволен доколку работата на Комисијата резултира со правење на нови учебници по историја во нашата држава, не затоа што тоа го бара Бугарија, туку затоа што навистина има потреба од нивно подобрување – вели Ѓоргиев.
На прашањето дали Комисиите ќе можат да продолжат со работа ако и понатаму се повторуваат истите причини поради кои досега не се согласуваа македонските и бугарските историчари, Ѓоргиев објаснува дека евентуалното прекинување на разговорите дополнително ќе ги зголемат длабоките недоразбирања.
– Главниот проблем остануваат големите разлики во пристапот кон толкувањето на историските процеси, настани и личности, и секако, пристапот кон сфаќањето и правењето на препораки за учебниците. Присутна е тенденцијата бугарските забелешки кон македонските учебници да бидат конкретизирани во духот на нивниот наратив и тој да биде наметнат како единствен. Тоа особено дојде до израз во дебатата за Цар Самуил, наспроти нашиот пристап на мултиперспективност, кој овозможува на учениците да развијат критичко мислење. Се разбира, тоа важи за настани каде мултиперспективноста може да се примени – објаснува Ѓоргиев.
Интервјуто со Ѓоргиев во целост може да го прочитате на овој линк.