Простор кој со години бил користен како дива депонија во општина Сарај наскоро ќе биде претворен во модерен парк со зелени површини и рекреативни содржини за граѓаните, соопшти градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со градоначалникот на Сарај, Мухамед Елмази, и министерот за животна средина Мухамед Хоџа, денеска го посетија просторот покрај реката Вардар, на патот кон селото Рашче, каде што веќе се спроведуваат активности за расчистување и уредување.
Според најавите, на местото на поранешната депонија ќе биде изграден голем и современ парк со хортикултурно и партерно уредување, зелени површини, пешачки зони и содржини за рекреација, одмор и дружење.
„Овој простор има природна убавина и голем потенцијал. Наместо отпад и запуштеност, тука ќе создадеме место каде граѓаните ќе можат да уживаат и да го поминуваат слободното време“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој најави и почеток на реконструкција на мега-паркот во Сарај, кој, како што посочи, со децении бил оставен без соодветна грижа и одржување.
Од Град Скопје нагласуваат дека инвестициите во зелени површини и јавни простори ќе продолжат и во наредниот период, со цел подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во сите делови од градот.
Ѓорѓиевски упати апел до граѓаните за заедничка грижа и одговорност кон јавните простори, посочувајќи дека нивното зачувување е од клучно значење за создавање почиста и поуредена животна средина.