Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени контроли и конкретни мерки за намалување на загадувањето на воздухот во главниот град. Тој истакна дека, иако не е директно надлежност на градот, ќе соработува со Министерството за животна средина за спроведување строги контроли врз индустриските и потенцијално загадувачки објекти, со цел заштита на амбиенталниот воздух и јавното здравје.
„Чекорите наши се во насока да има строги контроли. На долг рок, ние мораме да работиме кон тоа да сите потенцијални загадувачи, цела потешка индустрија на некој начин, ние да ја отстраниме од Централното градско подрачје.
Знам дека тоа е приватна сопственост, знам дека имаат и од другите страни аргументи, не е само, УСЈЕ единствен којшто би требало да се споменува на ова тема, има уште неколку такви во градот Скопје, но многу е важно што сега, за разлика од минатото, не се молчи. Јас како градоначалник дадов поддршка на таа иницијатива и не престанав да давам поддршка и понатаму, и ќе давам до крајот на мојот мандат, но не само да давам декларативна поддршка, туку и ќе се борам во целиот процес.
Она што е освен контроли, а треба да биде јасна регулатива, е да си најдат алтернативен начин на загревање таму и алтернативен начин на производство. Затоа што и она што го посочуваат граѓаните како проблем, а тоа е сите оние работи кои излегуваат во јавност и коишто се согоруваат дел од нив таму, е сериозен проблем и треба да стане минато. Зборам ако треба ние да се грижиме за животната средина и тие декларативно не го прават тоа, декларативно се грижат со садење на дрвца по општините, тогаш треба барем системот на загревање и преработка на материјали таму да се сведе на еколошки горива.
И тоа е нешто од коешто не отстапуваме, драго ми е што повторно ќе кажам, и владата е на иста линија, и со мене, со градот Скопје, со советниците, но и со граѓаните, и тука по нас на тоа прашање ќе правиме сериозен притисок, институционален, нормално во рамките на законот. Сето она што би значело отпор поврзан со тоа прашање, би значело и друг пристап кон вршење на активностите таму, и тоа е прашање на коешто понатаму нема да се повлечеме ни јас, како градоначалник на градот Скопје, ниту советот на градот Скопје, ниту па кој било од службите на Министерството за животна средина“, вели Ѓорѓиевски.