Персоналните асистенти, луѓето кои секојдневно се грижат за најзагрозените категории граѓани – лицата со телесна инвалидност, слепите и луѓето со други тешки попречености и до средината на август сè уште немаат примено ниту денар за својата работа во последните три месеци.
Хонорарите за мај, јуни и јули не се исплатени, оставајќи ги без основни приходи и туркајќи ги во финансиска неизвесност токму оние кои се грижат за најранливите. Но, наместо системска грижа и сигурност, како што самите велат, тие со месеци чекаат на парите кои им следуваат по закон, додека државната администрација се повикува на бирократски процедури и кадровски промени.
Во одговор за Скопје1, Министерството за труд и социјална политика признава дека исплатите доцнат, но решението, според нив, ќе дојде „во најкус можен рок“.
„Во врска со вашите прашања, Ве информираме дека во петокот (08.08.2025) на функција – директор на ЈУ Меѓуопштински Центар за социјална работа на Град Скопје е назначена нова директорка. Во тек е процесот на депонирање на потпис за истата, по што ќе се овозможи реализација на исплатата на заостанатите исплати за персоналните асистенти. Очекуваме целата постапка да заврши во најкус можен рок“, велат во писмен одговор за Скопје1 од МТСП.
Ова, според поголемиот број персонални асистенти е сосема нејасна формулација која малку им значи на „луѓето што веќе три месеци живеат без плата, со долгови и сметки што не чекаат“.
„Објаснувањето на Министерството звучи како државата да е целосно парализирана секогаш кога ќе се смени директор. Дали навистина е можно судбината на стотици семејства да зависи од еден потпис? Што ако директорот се разболи, замине на одмор или, не дај боже, почине – дали тогаш луѓето со посебни потреби и нивните асистенти треба да останат без пари со месеци? ‘Во секоја нормална институција постои заменик или механизам за итно потпишување и исплата, но изгледа кај нас бирократијата е поважна од егзистенцијата’, велат соговорниците на Скопје1.“
И додека институциите се занимаваат со административни процедури и кадровски рокади, реалноста за асистентите и нивните корисници е повеќе од сурова.
„Да не знае човек кого повеќе да жали, дали корисникот кој е во немоќна состојба и целосно зависи од помошта на асистентот, или асистентот кој без скапан денар не знае како да ги прехрани децата и да плати сметки. Летен одмор? Тоа за нас е научна фантастика. Единствено што можевме е да гледаме како децата ни скапуваат цело лето во Скопје, во овој пекол, без да можеме да ги однесеме ниту на езеро, ниту на планина“, вели една од персоналните асистентки за Скопје1.
За многумина од нив, трите месеци без хонорар значат живот на кредит и постојано позајмување од роднини и пријатели, па сега листата на долгови им е предолга.
„Веќе немаме ни од каде да позајмуваме. Секој ден е борба, дали да платиме сметки, да купиме храна, лекови. И ова не е прво доцнење, сѐ нешто чекаме, ребаланс на буџет, нова директорка да дојде, Минстерството за финасии да одобри средства...катастрофа, сите граници ги надминаа, а ова е еден од најблагородните проекти во државата. Како тргнало на наредните обуки за персонални асистенти ќе се пријавуваат луѓе кои единствено имаат намера да си заминат од земјава“, раскажува друг асистент.
Персоналните асистенти велат дека не бараат ништо повеќе од она што им следува по закон – редовна и навремена исплата за работата што ја вршат. Но, додека институциите ветуваат „најкус можен рок“, тие се сѐ уште без пари.