На денешната седница на Советот на Град Скопје, градоначалничката Данела Арсовска се осврна на обвинувањата од советничката група на СДСМ во врска со субвенциите за работењето на ЈП „Градски паркинг“ и истакна дека развојната компонента е во тоа што годинава за ова јавно претпријатие ќе бидат дадени значително помалку финансиски средства, за разлика од претходната градска власт.
- Многу ми е жал што госпоѓата што е директно инволвирана во сите неуспеси што ги гледаме во овој момент во јавните претпријатија, сега си наоѓа за сходно да излегува и да политизира нешто. Развојни компоненти, госпоѓа Јанчева ќе има, ние сме тука два месеци, треба да ги затвориме сите дупки, несовесни и незаконски работења, коишто Вие сте ги креирале заедно со вашите коалициски партнери, заедно со директорите, коишто биле ваши назначени директори. Затоа малку внимавајте и на однесувањето и на вокабуларот што го користите, затоа што ако почнеме така да се однесуваме, верувајте имате многу повеќе што да добиете за возврат – истакна Арсовска на денешната седница.
Арсовска потенцираше дека развојната компонента е во тоа што годинава ќе бидат дадени значително помалку средства за субвенционирање, за разлика од претходната градска власт.
- Ова е една развојна компонента, втората развојна компонента е консолидирање на еден загубар, за претпријатие што не треба да генерира загуби. Значи, ова претпријатие, со самото тоа што ќе биде профитабилно претпријатие, а нема да биде загубар, состојба во којашто вие сте го довеле со несовесно работење на вашите директори, сметам дека ќе има развој, а понатаму ќе имаме можност во следните четири или како што вие рековте, па можеби и засекогаш, да покажеме што и како знаеме – истакна Арсовска.