Се одбележуваат 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, а Владата на Македонија денеска со свои претставници ќе организира и ќе биде вклучена во неколку свечени настани и одбележувања. На нив, нема да учествува премиерот Димитар Ковачевски.
Но затоа, Владата ќе има своја делегација составена од првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик-министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски на положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас, активност на која се вклучени повеќе државни институции.
„Подоцна, во 10:30 часот, владина делегација составена од министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и советникот на премиерот Едмонд Адеми ќе положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во градскиот парк во Скопје, а во 11:00 часот на споменикот на Гоце Делчев на Плоштадот Македонија во Скопје. Во 12:00 часот, во Музејот на македонската борба, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе присуствува на свеченото отворање на изложбата по повод 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, организирана од Државниот архив на Северна Македонија и под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија. Во рамките на овие одбележувања, утре во 13:00 часот, на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас делегација на Владата на Република Северна Македонија составена од министерката за култура Костадиновска Стојчевска и заменичката министерка за надворешни работи Фатмире Исаки ќе положи венец заедно со делегации од Република Бугарија“, велат од Владата.
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.
Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер.
Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.