Ветерниот парк Штип, најголемиот проект за производство на електрична енергија од ветер досега развиван во Македонија, обезбеди финансиско затворање и влегува во нова фаза од реализацијата. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 180 милиони евра, а проектот е поддржан со финансирање од над 115 милиони евра.
Алказар Енерџи Партнерс (АЕП) обезбеди пакет за приоритетно должничко финансирање од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) и Ерсте Груп Банка, додека Шпаркасе Банка АД Скопје обезбедува посебна кредитна линија за финансирање на ДДВ.
Ветерниот парк ќе има инсталирана моќност од 131,25 мегавати и ќе биде составен од 21 ветерна турбина, секоја со моќност од 6,25 мегавати. За произведената електрична енергија е обезбеден долгорочен договор за откуп со меѓународна компанија со инвестициски кредитен рејтинг.
Проектот се реализира без државна поддршка, врз основа на приватен договор за откуп на електричната енергија. Се очекува ветерниот парк целосно да биде оперативен до 2028 година, кога би произведувал доволно чиста енергија за снабдување на повеќе од 148.000 домаќинства годишно и би спречувал емисии до 573.000 тони CO₂-еквивалент годишно.
Во текот на изградбата и работењето се очекува да бидат ангажирани повеќе од 300 лица, што според инвеститорот ќе донесе дополнителни економски придобивки за локалните заедници.
Ветерниот парк Штип е првата од трите планирани фази во рамките на поширок кластер на проекти. Вкупниот инсталиран капацитет на кластерот би достигнал до 396 мегавати на територијата на општините Штип, Карбинци и Радовиш. По целосната реализација, капацитетот на ветерна енергија во Македонија би бил зголемен повеќе од четирикратно.
Проектот е дел од Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција на Македонија и треба да придонесе кон зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори, поголема енергетска сигурност и постепено намалување на зависноста од производство на електрична енергија од јаглен.
Коосновачот и управувачки партнер на Алказар Енерџи Партнерс, Даниел Калдерон, ја истакна поддршката од Владата, локалните партнери, кредиторите и инвеститорите, оценувајќи дека финансиското затворање претставува важна пресвртница за компанијата и проектот.
Од ЕБОР посочија дека реализацијата на проектот ќе придонесе кон зголемување на домашното производство на обновлива енергија и зајакнување на енергетската сигурност преку искористување на ветерниот потенцијал на земјата. Од ИФЦ, пак, оценуваат дека инвестицијата ќе помогне во привлекувањето дополнителен приватен капитал и задоволувањето на растечките потреби за електрична енергија.
Премиерот Христијан Мицкоски при посетата на локацијата порача дека Владата ќе продолжи да ги поддржува ваквите инвестиции и дека институционалниот ризик потребен за нивна реализација ќе биде обврска на Владата.
„Отпочнуваме инвестиција која, кога целосно ќе биде реализирана, ќе вреди околу половина милијарда долари. Но, она што мене дополнително ме охрабрува е фактот што од инвеститорот слушнав дека тука не почнуваат и не завршуваат нивните планови за инвестирање во Македонија“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека особено значајни се инвестициите во кои произведената електрична енергија се продава на слободен пазар, оценувајќи дека тие имаат позитивен придонес кон македонскиот БДП и економијата.