Од 1 септември 2026 година, корисниците во Македонија кои плаќаат за услуги на Google ќе имаат нов даночен третман, бидејќи компанијата ќе започне да пресметува и наплаќа македонски ДДВ. Во зависност од видот на услугата, ќе се применува стапка од 18 или 5 проценти.
Промената особено ќе ги засегне компаниите што користат услуги како Google Workspace, Google Ads и Google Cloud, но и други платени дигитални производи на Google.
Од компанијата ги известуваат деловните корисници во Македонија да ги проверат податоците во својот Google Payments профил. Компаниите што се регистрирани како даночни обврзници треба да го внесат својот македонски даночен идентификациски број – TIN, за да може правилно да се утврди нивниот даночен статус.
За физичките лица и другите корисници на кои ќе се применува стандардната стапка, новиот ДДВ може да значи и повисока крајна цена. На пример, услуга од 100 евра без ДДВ би чинела 118 евра со пресметан данок од 18 проценти.
Кај компаниите регистрирани за ДДВ, пак, данокот не мора да биде конечен трошок доколку ги исполнуваат условите за признавање на претходен данок. Конечниот ефект ќе зависи од даночниот статус на фирмата, видот на услугата и документот што ќе го издаде Google.
Новата обврска ќе важи и за платени апликации и купувања во апликации преку Google Play од корисници во Македонија, при што Google ќе ја преземе пресметката, наплатата и уплатата на ДДВ.
Компаниите што користат платени Google услуги затоа треба пред 1 септември да ги проверат своите Google Payments профили и даночните податоци, како и со своето сметководство да утврдат како ќе се евидентираат новите фактури.